ЛИЧНА АСИСТЕНЦИЈА НА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Во 2023-та година, Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Гевгелија започна со имплементација на услугата “Лична асистенција на лица со попреченост” како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги во општините поддржан од Светска Банка и Министерството за труд и социјална политика (Министерство за социјална политика, демографија и млади) во општините Гевгелија и Богданци.
Услугата “Лична асистенција на лица со попреченост” е услуга преку која се обезбедува поддршка на лица со потешка и најтешка попреченост и лицата со целосно оштетен вид со навршени 6 години во нивното осамостојување, согласно нивните индивидуални потреби. Услугата за лична асистенција има за цел да придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост, нивно активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
Личната асистенција како услуга е прилагодена на личните и поединечните потреби на корисникот, кој одлучува кои активности ќе ги делегира и на кого, така што ќе му овозможи да живее во помалку ограничена околина, односно му овозможува слобода на избор и независно раководење на личниот живот со цел да ја компензираат својата пореченост, делегирајќи ги своите задачи на други лица.
Услугата за лична асистенција на лица со попреченост се испорачува од страна на сертифицирани лични асистенти, стекнати преку верификувана посебна програма за обука за личен асистент на лица со пореченост. Личниот асистент учествува во планирање, испорака и следење на услугата за лична асистенција. Опфатени се следниве сегменти:
- Помош и поддршка во домот на корисникот
- Помош и поддршка на работно место, во високообразовниот процес, неформално образование или во професионална рехабилитација
- Помош и поддршка во заедницата во која живее корисикот
Кој може да биде корисник на услугата “Лична асистенција на лица со попреченост”?
Лица со потешка и најтешка попреченост и лицата со целосно оштетен вид со навршена 6 (шест) годишна возраст.
Како да станете корисник на услугата “Лична асистенција на лица со попреченост”?
За користење на услугата обратете се во просториите на Општинската организација на Црвен крст Гевгелија за да ги добиете потребните информации и со потребните документи обратете се во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Гевгелија.
Координаторот на услугата заедно со одговорно лице од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Гевгелија ќе направат увид во Вашиот дом и доколку ги исполнувате условите ќе бидете контактирани и поврзани со Вашиот личен асистент.
Потребни документи за користење на услугата “Лична асистенција на лица со попреченост”
- Барање за лична асистенција и формат за самопроценка кои ги издава ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа
- Наод и мислење или конзилијарно мислење каде е наведен видот и степенот на попреченост
- Изјава заверена на нотар дека корисникот нема склучено договор за доживотна издршка
- Копија од извод од матична книга на родени
- Лична карта на увид
Контакт информации
Општинска организација на Црвен крст Гевгелија
Ул. Ѓорѓи Велков бр. 12, 1480, Гевгелија
Е-адреса: gevgelija@redcross.org.mk